Гутереш: Вештачката интелигенција забрзано го обликува денешниот свет

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес предупреди дека вештачката интелигенција се развива побрзо отколку што законодавството може да ја следи и ја нагласи потребата од глобално усогласени правила со цел да се намалат потенцијалните ризици, особено за децата.

„Технологијата која може да ги преобликува економиите, да го трансформира светот на трудот, да влијае на изборите и да ја наруши безбедносната рамнотежа, се применува побрзо отколку што кој било, вклучувајќи ги и нејзините самите творци, може да следи“, им порача Португалецот на делегатите на првиот меѓувладин глобален дијалог за вештачка интелигенција во Женева.

„На иновациите им се потребни заштитни огради… Ако вештачката интелигенција сака да биде моќна, со неа мора да се управува“, рече Гутереш.

Целта на дводневниот инаугуративен Глобален дијалог на ОН за управување со вештачката интелигенција во Женева не е да се склучи договор, туку да се расправа за правилата за ублажување на потенцијалните штети од вештачката интелигенција и максимално искористување на нејзините можности.

Делегатите ќе го разгледаат извештајот на независниот научен панел од 40 експерти, кои ќе ги претстават наодите од првата глобална, независна научна проценка на вештачката интелигенција.

Сеопфатен извештај е планиран за следната година, паралелно со вториот глобален состанок во Њујорк.