H&M целосно ја напушта Русија: „Ќе отвориме продавници привремено, само да ги распродадеме залихите“

85

H&M, вториот по големина моден трговски синџир во светот (по Inditex и Zara), денеска објави дека целосно ја прекинува работата во Русија.

Со овој потег гигантот од Шведска се приклучи на растечката листа на странски компании кои ја напуштаат земјата.

Потсетуваме дека мултинационалниот бренд ги суспендираше деловните активности во Русија на почетокот на март, по нападот на Москва врз Украина, а Русија беше шестиот најголем пазар за H&M.

Додека на многу други пазари го намалија бројот на продавници, во Русија ги зголемија, пренесува Ројтерс.

„По внимателно разгледување, утврдивме дека, со оглед на моменталната ситуација, невозможно е да продолжиме да работиме во Русија“, рече главниот извршен директор Хелена Хелмерсон во соопштението.

Компанијата додаде дека имаат намера привремено повторно да ги отворат продавниците во Русија на ограничен временски период, со цел да ги продадат преостанатите залихи на стоки.

Се проценува дека целосното затворање на H&M ќе чини околу 2,0 милијарди шведски круни или 191,3 милиони долари. Целиот износ ќе биде вклучен како еднократен трошок во деловниот извештај за третиот квартал.

  • ОЗНАКИ
  • H&M