Хабек: „Северен тек 2“ не е опција

90

Вицеканцеларот и министер за економија на Германија, Роберт Хабек остро се спротивстави на пуштањето во употреба на гасоводот „Северен тек 2“, оценувајќи дека тоа би значело „кревање бело знаме во Германија и Европа“.

„Не треба да го правиме тоа. Пуштањето во употреба СT2 очигледно не е опција. Невозможно е дополнително да се зголеми зависноста од рускиот гас. Во тој случај Русија би ја постигнала целта да ги прекрши санкциите“, изјави Хабек во интервју за ЗДФ, пренесува ТАСС. Тој додаде дека Германија е „силна земја“.

Хабек предупреди дека продолжувањето на испораката на руски гас преку гасоводот Северен тек 1 не треба да се гледа како знак на безбедност. Затоа, според Хабек, Германија „мора да најде алтернатива“ за испораката на гас од Русија и таа мора да биде економична.

Во однос на турбината на Сименс, која е неопходна за целосно функционирање на гасоводот Северен тек 1, германскиот министер оцени дека тоа е „растегнат аргумент“ и „неубедлива игра“ на Русија. Според него, „Газпром“ има доволно турбини. Споменатата гасна турбина се уште се наоѓа на територијата на Германија, бидејќи „Газпром“ се уште ја нема доставена потребната документација за нејзина испорака во Русија, пренесе ДПА.

Хабек процени дека и пред ремонтот, кој траеше од 11 до 21 јули, „Северен тек 1“ можеше да биде „натоварен со 100 отсто капацитет“. Иако гасоводот е повторно пуштен во употреба, капацитетот за снабдување е околу 40 проценти. Хабек рече дека рускиот претседател Владимир Путин го користи гасот против Германија и Европа и дека сака да предизвика поделби во ЕУ.

Бундестагот претходно предвиде драматичен пад на германската економија поради економската војна со Русија. Шефот на парламентарната комисија за енергетика и клима, Клаус Ернст Клаус, изјави дека Германија нема да може да го замени снабдувањето со гас од Русија со увоз од други земји.