Хаос на аеродромите: Штрајковите ги принудуваат авиокомпаниите да ги откажат летовите

43

Штрајковите и недостигот на персонал ги принудуваат авиокомпаниите да откажат илјадници летови, предизвикувајќи повеќечасовни чекања на главните аеродроми, загрозувајќи го првото потенцијално успешно лето по затворањето поради „Ковид-19“.

Тоа доведе до затворање на работните места и намалување на платите, па персоналот вработен во воздухопловната индустрија, од пилоти до ракувачи на багаж, бара значително зголемување на платите и подобрување на условите за работа, пренесува Танјуг.

Така, скандинавската авиокомпанија САС, која беше принудена да откаже 201 лет или 64 отсто од вкупниот распоред, соопшти дека штрајкот на пилотите, сериозно ја загрозува финансиската стабилност на компанијата.

Освен тоа, САС и синдикатите не можат да договорат план за спас на авиокомпанијата, а со тоа и да не го прекинат штрајкот на повеќето пилоти.

Вработените во германската Луфтханза ја повикаа авиокомпанијата да стави крај на „глупостите за намалување на трошоците“.

Луфтханза одби да го коментира писмото, иако нејзиниот главен извршен директор на крајот на јуни им се извини на вработените и клиентите, велејќи дека авиокомпанијата „претерала во намалувањето на трошоците“.

Кабинскиот екипаж на Ryanair со седиште во Шпанија планира да штрајкува уште 12 дена во јули, соопштија синдикатите.

Аеродромите и авиокомпаниите се борат да вработат повеќе работници, но тие велат дека е особено тешко да се најдат луѓе заинтересирани за физички тешки и релативно ниско платени работни места на аеродромите кои често се наоѓаат надвор од градот.

Истовремено, се забележува дека обуката на нововработените и добивањето безбедносна дозвола за работа на аеродромите трае со месеци.

Ројтерс објави дека аеродромите Шарл де Гол и Орли во Париз треба да пополнат 4.000 работни места, главно во областа на безбедноста, одржувањето и малопродажбата на патувања.

Синдикатите тврдат дека повеќе од 20.000 луѓе биле отпуштени на аеродромот Шарл де Гол за време на пандемијата.