Хаосот во Кипар ги стресе европските берзи

15

kiparСитуацијата во Кипар утрово предизвика остар пад на цената на акциите на европските берзи, особено во банкарскиот сектор, затоа што радикалниот план на Европската унија за спасување на оваа земја ги наведе инвеститорите да се повлечат од пазарот. Под најголем притисок се акциите на банките. Индексот на овој сектор потона за повеќе од 2%, но дел од аналитичарите сметаат дека ситуацијата брзо ќе се смири.

Од иста причина утрово остро паднаа цените на акциите и на азиските берзи.

Министрите за финансии од еврозоната во петокот се договорија да му одобрат на Кипар помош од 10 милијарди евра, а Кипар треба да воведе еднократен данок од 10% на депозитите во банките. Се очекува со овој данок да бидат собрани околу 5,8 милијарди евра.

Денеска треба кипарскиот парламент да заседава за да се произнесе за планот за економски спас договорен со Европската унија. Се очекува претседателот Никос Анастасиадес да има обраќање до жителите на островот во обид да го заштити планот, затоа што без помош од ЕУ земјата ќе банкротира, јавуваат локални медиуми.

По објавувањето на веста дека ќе се воведува данок на сите банкарски сметки во земјата, вознемирените штедачи побрзаа на банкоматите за да си ги подигнат парите.