Хартиеното регистрирање на фирмите оди во историјата

20

INTERNET Во Македонија наскоро ќе може да се регистрира нова фирма само по електронски пат преку регистрациски агент и без надомест, а хартиеното поднесување на пријави и барања за регистрирање на фирми оди во историјата. Ова го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини по средбата со директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски.
Министерот на средбата со директорот Костадиновски дискутираше за превземените мерки за олеснување на бизнис климата во земјава кои, главно, се внесени во законите за трговски друштва и за едношалтерски систем, согласно препораките на извештајот Дуинг бизнис на Светска банка за подобрување на деловната клима.

Министерот Сарачини најави продолжување со мерките и реформите за подобрување на деловната клима не се застанува тука.

„Што се однесува до активностите во тековнава година, би сакал да потенцирам дека од февруари, регистрацијата на фирми ќе се врши само по електронски пат, што значи дека се укинува хартиената регистрација или поднесување на документи на хартија. Исто така, ќе продолжиме со промовирање на активноста за елиминирање на потребата од задолжителната употреба на официјалниот печат на правните субјекти во правниот промет. А со цел заштита на субјектите и спречување на злоупотреба, ќе воведеме забрана за купување и располагање на удел во трговски друштва на лица кои должат по основ на неплатени даноци, придонеси и царини“, изјави Сарачини.

Сарачини истакна дека покрај скратувањето на административните процедури, намалување на речиси сите трошоци, пред шест месеци воведени се регистрационите агенти, кои им помагаат на граѓаните да се регистрира фирма, брзо, лесно едноставно и што е најважно за нула денари.

Според него, од досега регистрирани 6.300 фирми, 300 се регистрирани со регистрациони агенти, мерка со која државата се откажа од 250.000 евра потенцијален приход.

Целта од воведувањето на оваа реформа е да се мотивираат младите луѓе претприемачи, кои имаат идеи да регистрираат фирма под најповолни услови.

Министерот информираше дека е продолжен и законскиот рок за поднесување на годишните сметки од страна на трговските друштва. На барање на бизнис заедницата овозможено е годишните сметки за трговските друштва да се поднесуваат до 15 март, а обезбеден е и правен основ, домашните и странски, физички и правни лица, дадениот заем да го трансформираат во влог во друштвото.

Директорот Костадиновски истакна дека ефектот од спроведувањето на овие мерки и реформи е јасен и видлив. Се овозможува полесно влегување во внатрешноста на Република Македонија, а сѐ со цел услугите што ги нуди Централниот регистар да станат подостапни за сите правни и физички лица во државата.