ХЕ Козјак, по 18 месеци, повторно работи со полн погон

122

elem-580x268Хидроелектраната Козјак повторно е во можност со целосен капацитет да произведува електрична енергија. По двомесечна успешна санација на првиот генератор, оваа електрана, со инсталирана моќност од 40 MW, е повторно ставена во погон, и комплетно е на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија, стои во соопштението на ЕЛЕМ.

Реализацијата на проектот за санација на генераторот 1 во ХЕ Козјак почна на 26 јануари, годинава. Сите планирани активности за отстранување на оштетувањата, во согласност со техничката спецификација успешно беа завршени на 21 март, со завршување на тест-периодот. По извршени детални контроли на сите примарни системи, на 22 март, годинава, агрегатот беше вклучен на мрежата на Националниот диспечерски центар во АД МЕПСО и на Диспечерскиот центар на АД ЕЛЕМ.

Изведувачи на санацијата, во согласност со јавната набавка, беа фирмите АТБ Север МАК ДООЕЛ од Скопје и АТБ Север ДОО од Суботица. Вкупната вредност на реализираниот договор изнесува 2.972.906 денари (48.340евра), без ДДВ.

ХЕ Козјак е хидроенергетски објект од прва категорија и е прва хидроелектрана од каскадниот систем на електрани на реката Треска. Примарната намена на ХЕ Козјак е заштита на градот Скопје од поплави, преку акумулирање на дотоците од р. Треска во акумулација Козјак. Секундарната намена на оваа електрана е производство на електрична енергија преку регулирано испуштање вода од акумулацијата Козјак.

Од ЕЛЕМ потенцираат дека во овој годишен период кога реално и статистички има зголемени дотоци, кои се движат од 70 m3/s до 120 m3/s, од безбедносен аспект, само со расположливите два агрегата на ХЕ Козјак успешно може да се контролира истекот од акумулацијата Козјак во опсег од 0 до 100 m3/s вода, со што се регулира котата на акумулацијата.

На годишно ниво, еден агрегат во ХЕ Козјак, просечно произведува околу 70.000 MWh, што по регулирана цена изнесува околу 3 милиони евра. Агрегатите, меѓу другото, се користат и за регулација на дневните варијации на потрошувачката на електрична енергија.