Познатиот луксузен бренд Hermès го отвори својот прв бутик наменет исклучиво за парфеми со локација во Њујорк Сити, пишува Trendhunter.
Како што велат од компанијата, овој продажен простор е еден вид на библиотека за екстравагантни и уникатни мириси, какви што само бренд како Hermès може да претстави.
Бутикот е дизајниран истовремено како луксузен и едноставен простор. Неговата фасада е прекриена со бетон и стакло, додека нежните бои даваат посебна топлина. Шаблоните што се користени за декорирање на просторот потсетуваат на познатите шалови од брендот.
Кога влегуваат во бутикот, прво што здогледуваат посетителите е симболична градина со интересни скали што не водат никаде. Тука е и видео проекцијата наречена Oaza, дело на уметникот Даниел Гордон.
Во споредба со останатите парфимерии коишто годишно работат на бројка од 300 парфеми, кај Hermès истата може да биде само три. Компанијата пушта во продажба производ само кога верува дека е уникатен и најдобар. За парфемот да биде исклучителен се одвојува многу време, што брендот, којшто патем одлично котира во светот на луксузот, може да си го дозволи.
Нивната прва библиотека на мириси се протега на површина од 100 метри квадратни, а е резултат од соработката со уште два луксузни бренда RDAI и RF Studio Architects.