Приходите од туризмот во Хрватска годинава ќе се зголемат за најмалку 1,3 милијарди евра, пишува во неделата Јутарњи лист, наведувајќи дека сите показатели укажуваат дека минатогодишната рекордна туристичка сезона ќе биде „забележително надмината“.
За разлика од претходните сезони, кога со ентузијазам се броеа доаѓањата на гостите и се раскажуваа нивните впечатоци од убавината на Хрватска, оваа година доминира збунетоста поради високата цена, па дури и желбата за неуспех како предупредување за алчните, пишува весникот.
Но, метежот на патиштата и викендов, како и сите досегашни статистички показатели, укажуваат дека нема да изостанат нови туристички рекорди. Податоците од системот еВизитор покажуваат дека во првите седум месеци има благ пораст на физичките показатели во туризмот во однос на истиот период лани, пренесува Пословни.хр.
Бројот на ноќевања на странски гости во периодот од јануари до јули е за 4,3 отсто поголем во однос на првите седум месеци од минатата година, а бројот на пристигнати е поголем за 11,3 отсто. Имајќи го предвид силниот раст на цените, секако, може да се очекува дека растот на приходите значително ќе ги надмине „физичките показатели“.
На ова јасно укажуваат податоците на Даночната управа за фискализирани сметки во угостителството, чија вредност во јули пораснала за околу 20 отсто. „Воведувањето на еврото и влезот на Хрватска во Шенген зоната поволно се одразуваат на физичките и финансиските показатели во туризмот“, велат од Хрватската народна банка. На прашањето какви се нивните проценки за овогодинешните приходи од туризмот, централната банка одговори дека тие можат „значително да ги надминат минатогодишните рекордни резултати“.