Холанѓаните попуштија, сепак нема да го намалат бројот на летови од аеродромот во Амстердам

59

Владата на Холандија  објави дека се откажала од намалувањето на бројот на летови од аеродромот Шипхол по приговорите на САД, ЕУ и авиокомпаниите. Следната година бројот на летови требаше да се намали од максимални 500.000 на околу 460.000.

Но, планот засега е одложен, изјави министерот за инфраструктура Марк Харберс во парламентот во Хаг, признавајќи дека владата морала „да испие горчливо апче“. Тој вети дека Холандија ќе го намали бројот на летови на долг рок со цел да се ублажи влијанието врз климата и животната средина и жителите околу аеродромот.

Европската комисија и САД предупредија дека планот создава големи проблеми. Вашингтон поднесе протест затоа што намалувањето ќе влијае на работењето на американските авиокомпании, а се загрозени и правата за слетување на холандската компанија KLM на американските аеродроми.

Загриженост изрази и Европската комисија, бидејќи намалувањето не е договорено со авио-секторот. Аеродромот Шипхол и локалните жители изјавија дека жалат за одлуката на владата.