Хотелиерите од Охрид и Струга одлучија – ќе има специјален попуст за Србите

38

Хотелите во Охрид и Струга од мај до октомври ќе понудат поевтини резервации до 20% за туристите од Србија, во зависност од должината на престојот, соопшти Здружението на хотелиери на Северна Македонија (ХОТАМ).

Целта на хотелиерите во Северна Македонија е да ги охрабрат српските туристи да го поминат летниот одмор на Охридското езеро, или на враќање од Грција да останат уште неколку дена, а не само да преноќат, објави Алсат.

Полупансион, со појадок и вечера во хотел со четири ѕвездички, ќе чини околу 25 евра, рече претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Досега, повеќе од 90 % од хотелите ја прифатија идејата за намалување на цените, рече Блажески, додавајќи дека агенциите од Северна Македонија и Србија исто така ќе ги понудат овие специјални пакети.

“Очекуваме поголема циркулација на гости оваа сезона“, најави Блажески.

Хотелиерите велат дека со оваа иницијатива сакаат да ја поддржат препораката на Владата за придобивки за граѓаните на Србија во знак на благодарност за бесплатните вакцини кои ги испратија во Северна Македонија.

Фото: Pixabay