Хрватите можат бесплатно да ги раскинат договорите со мобилните оператори

26

mob hr

Хрватски телеком и Теле 2, два од трите мобилни оператори во Хрватска, поради зголемување на цените, на своите претплатници им овозможија раскинување на претплатничките договори без плаќање надомест за предвремено раскинување, пишува Јутарњи лист.

Претплатниците, оние што сакаат, имаат 30 дена, од 1 до 30 јуни, да ги раскинат своите договори. Оние што купиле мобилни уреди по поповолна цена со еднократно плаќање и претплатнички договор, можат да го раскинат договорот и да го задржат мобилниот без надомест, за разлика од оние што купиле мобилен на рати. Тие можат да го раскинат договорот, но под услов да ги платат преостанатите рати за купениот уред.

Трите оператори во Хрватска ги подигаат цените поради зголемување на државните давачки во телеком индустријата. Конкретно, станува збор за нов Правилник за плаќање кој стапи на сила на 23 мај, со што на операторите значително им се зголемени надоместоците за употреба на радиофреквенцискиот спектар. Новиот правилник за трите телекоми значи годишно зголемување на трошоците од дури 42,68 милиони евра. Првично трите оператори најавија зголемување на цените од 10% до 15%.

Хрватската агенција за пошта и електронска комуникација (ХАКОМ) минатата недела објасни дека во случај за зголемување на цените, операторите треба преку писмен или електронски пат да ги известат сите корисници за новите цени и да им овозможат раскинување на претплатничките договори без надомест. ХАКОМ потсетува дека согласно Законот за електронски комуникации, само во три случаи на измена на ценовникот не му даваат на крајниот корисник право за раскинување на претплатничкиот договор без надомест – во случај кога зголемувањето е последица на регулаторни услуги кои произлегуваат од Законот, кога е последица на измена на ДДВ или измена на големопродажните цени на кои операторите немаат влијание.

За Јутарњи, од Теле 2 потврдиле дека им го овозможуваат ова на корисниците, додека од Хрватски телеком не добиле официјална потврда, иако од објаснувањето на веб страната е логично дека корисниците можат да ги раскинат договорите според истиот принцип. Како што пишува Јутарњи, Випнет се уште нема објавено дали и колку ќе ги зголеми цените, па затоа нема известување за поинакви цени и можност за раскинување на договорите.