Хрватите од денес можат да отворат фирма за 80 денари

62

Со измените во Законот за трговски друштва, од денес, во рок од 24 часа, за само 80 денари (10 куни), може да се отвори мала фирма во Хрватска. Со почетен капитал од 1,3 евра и намалени основачки трошоци до 100 евра, може да се основа трговско друштво со ограничена одговорност (д.о.о.).

“Ова е една алатка првенствено за младите луѓе што сакаат да се обидат во претприемништво, за луѓе кои сега работат на црно и сакаат тоа да го легализираат”, вели хрватскиот министер за правосудство, Орсат Миљениќ.

“Од зборови преминавме на дела, а ефектот ќе зависи од тоа колку луѓе ќе сакаат да влезат во бизнис”, изјави Миљениќ и додаде дека очекува доверба, но и дека ќе има и такви што ќе отворат фирма, ќе направат долг, па ќе ја затворат.

“Тоа е ваш ризик, работењето е ризик. Ова е една алатка луѓето да се пронајдат на пазарот и тоа да им се овозможи на поповолен и поедноставен начин, затоа што овој едноставен начин на основање фирма не само што е поевтин, туку трае 24 часа и тоа по електронски пат”.

Со законските измени за основање едноставни друштва се укинуваат нотарските такси, а судските такси се намалени од 53 на 8 евра, односно трошокот на регистрирање такво друштво од досегашните 530 евра е намален на помалку од 130 евра.