Хрватска: Борис Лаловац нов министер за финансии

19

lalovacХрватскиот премиер Зоран Милановиќ вчера до смени министерот за финансии, Славко Линиќ и на негово место го предложи неговиот заменик, Борис Лаловац.

Смената на Линиќ доаѓа по објавениот текст во Јутарњи лист поврзан со предстечајниот договор на дрвната индустрија Спачва од Винковци. Наводно, со претстечајниот договор Линиќ ја оштетил државата за 3,6 милиони евра, затоа што потпишал даночниот долг на Спачва да се пребие со земјиштето чија вредност е повеќекратно преценета. Новата проценка во март годинава покажа дека земјиштето вреди 791.000 евра, а не 4,4 милиони евра, колку што е проценето во предстечајната спогодба.

Линиќ изјави дека ја прифаќа смената, а за односот со премиерот Милановиќ и причините поради кои е сменет ќе зборува по изборите за Европарламентот, што треба да се одржат на 25 мај.

Наследникот на Линиќ, Лаловац, седнува во најжешката фотелја во моментов, оценуваат хрватските медиуми. Прогнозите на Европската комисија од пред неколку дена предвидуваат дека оваа година Хрватска ќе нема економски раст. Освен тоа, прашање на време е до кога Владата ќе ги одложува реформите на јавната управа и големиот бироктаски апарат кои уште повеќе ќе го зголемат бројот на невработени. Проблем е и буџетот, кој досега се полнеше од оданочување на се и сешто. Линиќ до некаде успеа да воведе финансиска дисциплина, но не ја намали државната потрошувачка. Последните потези преземени со цел намалување на дефицитот се трошарини на гориво и на телекомуникациски услуги. За понатамошно кратење на буџетскиот минус, Линиќ најавуваше данок на недвижности во 2016 и данок на штедење и капитална добивка во 2015 година.