Хрватска: Буџетот ќе се полни со повисок ДДВ и данок на недвижнини?

16

danokЗа намалување на буџетскиот дефицит ќе биде неопходно да се зголеми приходната страна на буџетот, затоа што на расходната нема премногу можности, што не значи дека ќе нема понатамошни кратења и мерки за штедење, изјави хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ на прес конференција по повод Извештајот за прекумерниот буџетски дефицит и ниво на долг од 2009 до 2012, пренесуваат хрватските медиуми.

Приходите можат да пораснат со зголемување на ДДВ и воведување данок на недвижнини, изјави Линиќ, притоа не исклучувајќи ниту една од овие можности. Според министерот, основен проблем е немањето економски раст и тврди дека раст од 3% во потполност би го решил проблемот со прекумерниот буџетски дефицит.

Линиќ очекува Владата со Европската комисија да успее да се договори за мерките за намалување на буџетскиот дефицит под граница од 3%. Мерките би биле познати во јануари, по што ќе треба да се спроведат во рок од три месеци.

Според објавените податоци на статистичките заводи на ЕУ и Хрватска, во Хрватска дефицитот на консолидираната општа држава во 2012 година изнесувал 2,15 милијарди евра или 5% БДП, додека консолидираниот долг на општата држава изнесувал 24 милијарди евра или 55,5% БДП.

Овие податоци покажуваат дека Хрватска наскоро ќе влезе во Процедура на прекумерен дефицит (ЕДП), механизам на ЕУ осмислен да го врати буџетскиот дефицит на членките под 3%, а јавниот долг под 60% БДП, како што налагаат критериумите од Мастрихт.