Хрватска: Чип од капка крв ги открива причините за невролошки пореметувања

67

DNA Strands

Причините за ментална ретардација, аутизам и други невролошки болести ќе можат да се утврдат од капка крв. Тимот на проф. д-р Фран Боровечки од загрепскиот Медицински факултет разви посебен чип со кој можат да се дијагностицираат генетските причини за различни пореметувања на централниот нервен систем.

“Доволно е на пациентот да му се земе капка крв, да се изолира ДНК од неа и да се стави примерокот на чипот. По анализата која трае неколку дена, во електронски облик се добиваат резултати кои на лекарите им покажуваат зошто кај пациентот се развила некоја невроразвојна болест”, објаснува доцент Боровечки, пишува 24 сата.

Покрај тоа, со чипот може да се потврди дали некој од потомците на пациентот ќе го наследи ризикот за невролошката болест.

Ова е прв ваков чип развиен во Хрватска и во пошироко. Наменет е за еднократна употреба, а во исто време може да тестира осум крвни примероци од различни пациенти.

Кога ќе почне да се применува чипот, тестирањето на секој пациент ќе чини од 260 до 400 евра.

Пред три години, фондацијата на американскиот актер Мајкл Џ. Фокс на овој хрватски научник му донираше 75.000 долари за развој на лекови против Паркинсонова болест.

Боровечки за две години истражување откри дека протеинот алфа – синуклеин, кој е клучен за настанување и прогресија на болеста и одредени видови на деменција, делуваат и на транскрипција на гените и отстранување на белковините во мозокот, што доведува на одумирање на невроните.