Според последните податоци на Евростат, Хрватска стана апсолутен рекордер по раст на производството во градежниот сектор на годишно ниво.
Хрватска во август забележа раст од дури 17,7% во однос на истиот период лани, што е највисок забележан раст меѓу земјите од Европската унија (ЕУ).
Овој резултат ја става Хрватска на прво место пред другите земји од ЕУ, вклучувајќи ја Бугарија со раст од 5,5%, Холандија 2,5% и Португалија 2%, пренесува SEEbiz.
Додека некои земји како Данска и Шпанија, исто така, забележаа позитивни резултати, повеќето земји од ЕУ се соочија со пад.
Просекот на ЕУ забележа пад од 2,4%, а особено ги погодија земјите како Германија со пад од 3,8%, Франција 5,3% и Словенија која е на дното на скалата со пад од дури 17,1%.
Овој силен раст на производството во градежниот сектор во Хрватска доаѓа како резултат на зголемените инвестиции, инфраструктурни проекти и поголем интерес за изградба и реновирање на станбени објекти.
Ваквиот резултат претставува значаен исчекор за хрватската економија и дополнително ја нагласува важноста на градежниот сектор во развојот на земјата.