Хрватска ги замрзна цените на горивата на уште 14 дена -дистрибутерите најавија затворање на бензинските пумпи

121

Здружението на мали дистрибутери на горива во Хрватска најави затворање на бензинските пумпи откако Владата на Хрватска денеска донесе нова одлука и ги замрзна цените на горивата за уште 14 дена. Со новата одлука се фиксираат и големопродажните цени со што, според Владата, се штитат малите дистрибутери, пишуваат хрватските медиуми.

„Со денешната одлука на Владата на Хрватска, според која режимот за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати останува ист како во претходните 14 дена, а цените на големо се фиксираат на тој начин што, со сите јавни придобивки, тие не можат да изнесуваат повеќе од крајната малопродажна цена пропишана со Правилникот за малопродажни места надвор од автопатиштата, велиме дека е неприфатливо и неодржливо за малите дистрибутери на горива“, велат дистрибутерите.

„Оваа Регулатива подразбира дека малите дистрибутери ќе купуваат и продаваат гориво по иста цена, што значи дополнителни загуби за нас бидејќи не се пресметани нашите трошоци, пред се трошоците за транспорт на гориво. Уште еднаш повторуваме дека натамошниот бизнис на малите дистрибутери е неодржлив под овие услови“, нагласуваат тие.

„Покрај сето наведено, сакаме да предупредиме и на фактот дека овие владини мерки ќе предизвикаат и недостиг на гориво, што во никој случај не е добро во туристичката сезона. Уште еднаш апелираме до Владата на Република Хрватска да дозволи цената на горивата да се регулира во согласност со трендовите на пазарот“, се вели во соопштението.