Хрватска го има најдобриот кредитен рејтинг во својата историја

51

Агенцијата Фич го подигна кредитниот рејтинг на Хрватска за едно ниво, од „БББ-“ на „БББ“, со позитивна перспектива, забележувајќи напредок во подготовките за членство во еврозоната и силно закрепнување на хрватската економија од пандемиската криза, пренесоа хрватските медиуми.

Ова е најдобриот кредитен рејтинг во историјата на Република Хрватска.

Фич проценува дека и покрај пандемскиот шок, Хрватска ќе биде во позиција да стане членка на еврозоната во предвидениот рок, во јануари 2023 година, околу една година пред досегашната прогноза на агенцијата.Тие ја припишуваат оценката на „значителен напредок“ во исполнувањето на критериумите за конвергенција и структурните реформи и на политичката поддршка на поширокото ниво на еврозоната.

Усвојувањето на еврото ќе го поддржи рејтингот, објаснува агенцијата, бидејќи на Хрватска ќе ѝ обезбеди „статус на резервна валута“, ќе ги намали трансакциските трошоци и ќе го ограничи курсниот ризик за компаниите и домаќинствата.

Ризиците поврзани со периодот на усвојување на еврото главно се поврзани со „надворешни шокови“, како што се тврдокорните проблеми поврзани со пандемијата и континуираниот раст на светските цени на суровините, посочува Фич.

На политичко ниво, Фич не очекува големи ризици и покрај барањата на помалите партии за распишување референдум за воведување на еврото.

Агенцијата, исто така, потсетува дека рејтингот на Хрватска генерално ги одразува силните структурни карактеристики, вклучувајќи подобри показатели за развојот на човечките ресурси и управувањето во споредба со земјите со слични рејтинзи, благодарение на членството во ЕУ, повисокиот БДП по глава на жител и постабилните цени.

Ограничувањата се поради високиот јавен долг, неповолниот демографски профил и периодите на слаб економски раст, делумно поради бавното усвојување на структурните реформи.