Хрватска: Граѓаните добија судски спор против осум банки

23

frank - evroТрговскиот суд во Загреб пресуди во корист на здружението Потрошувач во спорот против осум банки што го иницираше здружението Франк. Судијата оцени дека банките го повредиле колективниот интерес на потрошувачите нетранспарентно менувајќи ги каматните стапки. Банките, на штета на потрошувачите, не ги утврдиле параметрите за пресметување на каматните стапки. Судијата Радован Доброниќ оцени дека банките ги залажувале граѓаните со реклами за кредити во швајцарски франци, во кои ги наведувале каматните стапки за кредити во франци и во евра, но требало да укажат уште на неколку елементи, а не само да сугерираат во разликата во каматните стапки. Просечниот потрошувач на основа на тоа заклучил дека поповолен кредит е оној со помала каматна стапка.

На банките им е наложено да ја пресметаат главницата во куни на денот на склучување на кредитот со фиксна каматна стапка, а корисниците ќе можат да бараат поврат на парите во посебни поединечни постапки.

Здружението Потрошувач минатата година поднесе колективна тужба против Загрепска банка, Привредна банка Загреб, Ерсте, Рајфајзен банк, Хипо Алпе Адриа банк, ОТП, Сплитска банка и Сбербанк.

Се проценува дека во Хрватска има 100.000 корисници на кредити врзани за швајцарски франци.

Пресудата е неправосилна и се очекува банките да поднесат жалба.