Хрватска и официјално е во еврозоната, познат конечниот курс по кој ќе се заменува куната за евро

113

Конечната одлука за влез на Хрватска во еврозоната на 1 јануари 2023 година беше усвоена на состанокот на Советот на министри за финансии во Брисел.
Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ (Екофин) во вторник ги усвои трите завршни правни акти кои се потребни за Хрватска да може да го воведе еврото, меѓу кои е и одлуката за курсот на конверзија на куни во евро по среден курс од 1 евро = 7, 53450 куни.
Дефинитивниот курс е еднаков на курсот по кој куната беше вклучена во Европскиот валутен механизам (ЕРМ II) пред две години.

Покрај уредбата со која се утврди дефинитивниот курс на конверзија од куни во евро, Екофин донесе уште два законски акти – одлуката за прифаќање на еврото во Хрватска и измена на уредбата со која Хрватска ќе биде додадена на списокот од 19 членки на еврозоната како 20-ти член.

Со денешните одлуки се заокружува процесот на одлучување во Советот и Хрватска на 1 јануари 2023 година ќе стане 20-та членка на еврозоната.

„Би сакал да им честитам на мојот колега Здравко Мариќ и на цела Хрватска што стана 20-та земја што влезе во еврозоната. Воведувањето на еврото не е трка, туку одговорна политичка одлука. Хрватска успешно ги исполни сите неопходни економски критериуми, па од 1 јануари 2023 година ќе плаќа во евра“, изјави чешкиот министер за финансии Збињек Стањура, кој претседава со Екофин.