Хрватска има просечна нето плата од 924 евра

32

Просечната нето плата по вработен во Хрватска, во декември минатата година, изнесува 6.999 хрватски куни или 923,8 евра, што на годишно ниво е за 5,7% реално зголемување.

Според официјалните податоци, во однос на ноември минатата година, просечната декемвриска плата реално била повисока за 2,6%.

Највисока просечна месечна плата во декември имале вработени во производство на кокс и рафинирани нафтени деривати (1.795 евра), а најмала работници во дејности за подготовка и послужување храна и пијалаци (578 евра).

Податоците покажуваат дека медијалната нето плата за декември била 777 евра, што значи дека половина од вработените имаат помала, а другата половина поголема плата од тој износ.

Просечната бруто плата во декември била 1.241 евро, што е реално повеќе за 0,8% одошто во ноември.

Кога станува збор за целата 2020 година, просечната месечна нето плата во Хрватска изнесувала 892,7 евра, што е реален пораст од 2,6% во однос на 2019 година.

Фото: Pexels