Хрватска иновација – електричен тротинет и туристички водич во едно

136

Хрватскиот старт – ап IDDI го претстави својот производ – електричен тротинет што може да служи како туристички водич.

Станува збор за Rolla, тротинет на струја што може да се изнајмува, што е дизајниран и произведен во Хрватска. Во пакетот доаѓа со полнач и мобилна апликација, а веќе за брзо време ќе може да се изнајмува на неколку места во Хрватска, пренесува Лидер.

Бидејќи изнајмувањето во целост е автоматизирано, тротинетот не може да се користи без мобилна апликација којашто во овој момент, според IDDI, е една од најбезбедните туристички водичи.

“Rolla го развивме имајќи го предвид изнајмувањето односно нашиот придонес кон глобалната микромобилност и еколошка освестеност. Корисниците преку Rolla ќе можат да изберат персонализирани рути и според одбрани параметри ќе добиваат информации за локални знаменитости и настани. Зад нас се многу непроспиени ноќи, многу вложен труд и работа и се надеваме дека корисниците ќе ги препознаат сите одлики на Rolla како што ние веруваме дека направивме одличен, сигурен и забавен производ за нашите корисници“, изјави Иван Шиматовиќ, еден од основачите и директор на IDDI.

Досега се произведени 40 електрични тротинети и пет места за полнење со по осум полначи. Засега примарно се фокусирани на соработка со туристичкиот сектор.

Почетната цена на изнајмување ќе биде нешто повеќе од пола евро, а секоја минута користење ќе се наплаќа по 0,15 евра.

Фото: IDDI