На сигурен отпис на долговите можат да сметаат околу 70.000 хрватски граѓани кои и должат на државата, од вкупно 290.000 граѓани со блокирани сметки затоа што не можат да ги враќаат долговите.
Државата на граѓаните ќе им ги отпише долговите постари од една година, а такви во моментов се во вредност од 196 милиони евра, пишува Јутарњи лист.
Министерот за финансии Славко Линиќ во ексклузивно интервју за весникот вели дека државата ќе ги отпише долговите исклучиво по проверка на имотот преку личниот идентификациски број (ОИБ), односно кога даночната управа ќе утврди дека поедини граѓани не поседуваат доволно имот за покривање на долгот. Според проценките, такви во моментов се 70.000 граѓани.
Според Линиќ, кога станува збор за долговите кон државата се зборува главно за поранешни претприемчи кои ги затвориле бизнисите, а им останал долг за придонеси или даноци. Поради тоа што бизнисите им се затворени, тешко е да се очекува дека ќе го вратат долгот.
Вкупниот износ на неплатени долгови постари од една година е 2,6 милијарди евра, а во нив се вклучени долгот на блокирани граѓани кон државата, банките, телекомите и комуналните претпријатија.