Хрватска ќе изгради уште еден мост сличен на Пељешки

89

„Хрватски патишта“ до крајот на годинава ќе распише тендер за техничко идејно решение на мостот на заливот Каштела, кој Владата го определи како стратешки проект.
Мостот ќе ги поврзува Сплит и Каштела и ќе биде најбрзо поврзување на вториот по големина град во Хрватска со автопатот, пишува Вечерњи лист.

„Хрватски патишта“ потврдија дека мостот ќе биде долг километар и пол и висок од 50 до 55 метри, речиси како Пељешкиот мост.

Претседателот на Управата за патишта на Хрватска, Јосип Шкориќ изјави дека тендерот за изведувачот ќе се одржи следната година, а потоа на јавноста ќе и биде претставен изгледот на новиот мост.

Шкориќ не сакаше да зборува за цената на проектот, но се претпоставува дека сумата би можела да надмине две милијарди куни. Ќе се гради етапно, а очекуваното завршување на проектот е крајот на 2027 година, рече Шкориќ и додаде дека примарен мотив за изградбата е побрзо да се стигне до центарот на Сплит.