Првата црна листа на која ќе се најдат работодавците кои не ги исплаќаат работниците ќе се објави на почетокот на мај, најави хрватскиот министер за труд и пензиски систем, Мирандо Мрсиќ, јавува Дневник.хр.
Од оваа година работодавците при исплата на било какви давачки на работниците, мораат да пополнат образец врз основа на кој државата точно ќе знае кој не исплаќа плати.
“Првата анализа ќе ја имаме некаде кон средината на април. Точно ќе знаеме кој работодавач не исплаќа плати и таму ќе го пратиме државниот инспекторат. Врз основа на наодите на државниот инспекторат, ќе ја објавиме црната листа”, најавува Мрсиќ.
Критериумот би бил три неисплатени плати по ред или три неисплатени плати во период од шест месеци.
Се проценува дека во Хрватска околу 70.000 работници не примаат плата редовно.