Хрватска остана без странски весници – издавачите незадоволни од новите правила

Од 1 октомври не е можно да се купуваат странски весници во Хрватска бидејќи странските издавачи, по половина век, се повлекле поради новите услови за дистрибуција, објавија хрватските медиуми.

Во април, хрватската влада ја прогласи дистрибуцијата на весници за услуга од општ економски интерес и ја субвенционираше преку јавен тендер, пишува Euronews повикувајќи се на порталот Index.hr.

Хрватска пошта стана дистрибутер, која се обврза да ја обезбеди оваа услуга во период од пет години, но странските издавачи не можеа да бидат вклучени во субвенционираната дистрибуција бидејќи, според Законот за медиуми, само издавачи регистрирани во Хрватска можат да бидат запишани во регистарот на издавачки куќи.

Условот за странските издавачи кои би сакале да учествуваат во системот на субвенционирана дистрибуција беше да основаат хрватско трговско друштво, но со оглед на тоа што не го сториле тоа, за нив важат пазарни цени, кои, според Хрватска пошта, се четири пати повисоки од субвенционираните стапки.

Директорката на словенечката компанија Дистриест, која претставува повеќе од 200 странски издавачи, Маја Цуриќ, изјави дека странските издавачи заеднички одлучиле да ја прекинат дистрибуцијата на печатот во Хрватска.

„Условите што ги понуди Хрватската пошта се покажаа како финансиски неодржливи. Наплатата за превоз по примерок во системот на провизии за продажба не постои никаде во Европа“, рече Цуриќ.