Хрватска размислува во иднина станбените кредити да бидат само во куни?

20

kuni

На почетокот на владината седница, хрватскиот премиер Зоран Милановиќ се осврна на мерката замрзнување на курсот на швајцарскиот франк на 6,39 куни на една година и порача дека се размислува со законско решение да се регулира прашањето за станбените кредити кои во иднина би се добивале само во куни, јавува ХРТ.

“Измените на Законот за потрошувачко кредитирање се упатени во Хрватскиот сабор и се надевам дека утре едногласно ќе бидат изгласани. Со тоа ќе решиме дел од проблемите на една година, но не смееме повеќе да дозволиме работите да се препуштат на стихијата како до сега. Во иднина ќе одиме кон тоа станбените кредити – кои можеме да ги регулираме со посебен закон – да бидат во куни”, вели Милановиќ.

И министерот за финансии Борис Лаловац, пред седницата на Владата изјави дека треба да се сретне со гувернерот на Хрватска народна банка, Борис Вујчиќ, со кој ќе разговара за сите опции.

“Денеска ќе се сретнам со гувернерот, затоа што тој нудеше и други модели. Она што е битно е дека веројатно ќе одиме со некакви законски решенија, размислуваме можеби да донесеме посебен закон за станбено кредитирање и да забраниме такво финансирање во други валути”, изјави Лаловац.