Хрватска воведува данок на екстра-профит

115

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска најави дека се воведува данок на екстра профит во земјата. Детали за ова во јавноста соопшти министерот за финансии Марко Приморац.

„Целта не е да се казнуваат бизнисите, односно да се определува профитот за кој владата мисли дека би бил реален, туку целта е во овие околности кога солидарноста треба да дојде до израз, секој од нас да даде свој придонес. Не мислам само на бизнисите, мислам и на граѓаните кои помагаат преку плаќањето на  ДДВ. А и најранливите категории го полнат државниот буџет. Мислам дека е оправдано и праведно најголемите даночни обврзници да се оданочуваат дополнително“, рече Приморац.

„Оние чии приходи биле поголеми од 300 милиони куни (околу 40 милиони евра, н.з.) ќе плаќаат данок на екстра профит  доколку имаат добивка поголема од 20 проценти од просекот. Ќе имаат стапка на данок на добивка од 18 проценти,  и дополнителен данок кој ќе зависи од нивото на профитот во 2022 година, а ќе го плаќаат оние чија добивка ќе биде над нивото од 20 проценти од просекот во последните 4 години. На пример, ако нечиј профит пораснал сто проценти во однос на последните 4 години, неговата ефективна даночна стапка ќе биде  30 проценти според новата пресметка“, објасни  Приморац.

Тоа се однесува на сите бизниси, не само на енергетскиот сектор, додаде тој и рече дека очекува вкупниот прилив од оданочениот екстра профит  да биде 2 милијарди куни (околу 265 милиони евра), а новиот данок да го платат околу 200 најголеми компании. „Тоа е проценка базирана на податоци за 2021 година. Ќе видиме што ќе се случи во 2022 година“, додаде тој.

„Овие пари ги користиме исклучиво за помош на најзагрозените, а не за полнење на државниот буџет. Тоа е еднократен данок за 2022 година“, рече Приморац.

Подоцна, на новинарско прашање, тој одговори  дека под најзагрозени се мисли на групите пензионери со најниски примања, оние кои примаат социјална помош, лицата кои примаат детски додаток, итн.

Предлог-законот предвидува и одредени одбитоци, па ако бизнисот остварил приход и профит со продажба на материјални или нематеријални средства, тој дел нема да се оданочува, рече Приморац.