Хрватска запре увоз на сливи од Македонија – пронајден пестицид кој е опасен за децата

239

Хрватска спречи увоз на сливи од Македонија поради присуство на забранет пестицид кој е особено штетен по здравјето на децата.

Утврдено е присуството на инсектицидот хлорпирифос кај свежите сливи. Активните супстанции хлорпирифос и хлорпирифос-метил се забранети во ЕУ веќе три години, но во многу земји надвор од ЕУ овој исклучително ефикасен инсектицид сè уште се користи легално.

Хлорпирифосот се употребува за да се спречат инсектите да го оштетат плодот. По бројни студии, експертите заклучија дека постои загриженост поврзана со здравјето на луѓето, особено поради можните невротоксични ефекти. Пестицидот е поврзан со нарушувања во развојот на мозокот и хормоналниот систем кај децата, аутизам, застој во растот и намалена интелигенција.

Во средата европскиот систем за рано предупредување во трговијата со храна извести дека свежите македонски сливи ќе му бидат вратени од хрватската граница на испраќачот или ќе бидат безопасно уништени, пренесува Даница.хр.