Хрватската дијаспора испрати повеќе пари отколку што државата собра од туризмот

83

Дознаките испратени од хрватските граѓани ширум светот преку формални и неформални канали до семејствата и пријателите во земјата останаа стабилни минатата година и се зголемија во првата половина на 2021 година, според податоците на Хрватската народна банка.

Готовината што хрватските работници од странство им ја испраќаа на нивните семејства ги надмина приходите што Хрватска ги оствари во истиот период од странските туристи, пишува Нови лист.

Во првите два квартали од 2021 година, дознаките од странство на хрватската дијаспора достигнаа една милијарда и 745 милиони евра, додека во исто време приходите што ги оствари Хрватска од странски туристи изнесуваа една милијарда и 494 милиони евра, наведува весникот.

Ова значи дека преку различни канали, хрватските работници во странство испратиле дома 351 милион евра повеќе, или 23,5 проценти повеќе отколку што странските туристи потрошиле за сместување, храна или забава во набљудуваниот период.

Иако имаше стравувања дека износот на дознаките ќе се намали поради пандемијата, тоа не се случи, туку тие дури се зголемија за 206 милиони евра, или 13,5 проценти во споредба со 2020 година.
Само во првиот квартал од оваа година хрватските граѓани испратиле 890,7 милиони евра дознаки, а во периодот април-јуни 854,3 милиони евра.