Хрватската прехранбена индустрија на колена

57

12_konzum_1На полиците на продавниците во Хрватска се повеќе има увозна, а се помалку домашна храна. Фабриките за прехранбени производи почнаа да ги губат купувачите во земјата и во странство поради падот на потрошувачката и поради се поострите странски конкуренти. Иако Хрватска се уште не е влезена во Европската унија, нејзината прехранбена индустрија веќе стана жртва на отворениот пазар, пишува Нови лист.

Во првите четири месеци од оваа година, извозот на храна од Хрватска падна за 17,2%, додека увозот порасна за 6,6%. Оваа нерамнотежа би можела дополнително да се зголеми по 1 јули, кога ќе се укинат царините за увоз на производи од земјите на ЕУ.

Но, хрватските компании ќе ги губат купувачите не само поради поевтината храна од ЕУ, туку и поради поскапувањето на хрватските производи по 1 јули во земјите членки на ЦЕФТА: Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Косово и Молдавија. Хрватските извозници во овие држави ќе мораат да плаќаат царини, во БиХ околу 20%, а во останатите земји околу 15%, анализира весникот.

Во првите четири месеци од годинава, вкупниот хрватски извоз е намален за 5,5%, а во земјите од ЦЕФТА падна за неочекувани 11,7%.