Хрватските градежни компании здружено ќе излезат на европскиот пазар

22

gradeznici hrНеколку месеци пред приклучувањето на Хрватска во Европската унија и отворање на пазарот, повеќето домашни градежни компании се на колена и самостојно не можат да се борат против светските градежни гиганти.

Во времето на градежниот бум во Хрватска, челниците на водечките домашни градежни компании не сакаа да слушнат за меѓусебна соработка. Денес ситуацијата е сосема поинаква. Работа нема, странската конкуренција забрзано ја презема и онаа малку работа што се нуди, а дел од некогаш силните фирми, како Конструктор и Далековод, се пред стечај. Затоа претставниците на владата веќе неколку месеци водат разговори со домашните градежни фирми за да договорат нивно здружување и заеднички настап на пазарот, тврдат за Јутарњи лист добро упатени извори во градежниот бизнис во Хрватска.

Според неофицијалните информации, во конзорциумот би можеле да влезат седум компании: Виадукт, Техника, Хидроелектра-Нискоградња, Загреб-Монтажа, Далековод, Билфингер Ѓуро Ѓаковиќ Монтажа и Загорје Технобетон.

Според соговорниците за Јутарњи, еден ваков конзорциум би ги покривал сите сегменти од градежните работи – високоградба, нискоградба, опремување и метални конструкции.

Скептиците, пак, напоменуваат дека и таков конзорциум тешко ќе се пробие на пазарот на Европската унија и остатокот од Европа, каде тендерите за проекти се распишуваат по правилата на Европската банка за обнова и развој, а домашните компании тешко дека ќе можат да ги исполнат нивните услови. Покрај тоа, напоменуваат дека хрватските градежни компании не минале низ процесот на реструктуирање, а работната сила им е многу поскапа од бугарската или романската, па затоа не се конкурентни на пазарот.