Хрватските угостители бараат дозволи за продолжување на работното време поради СП

19

fudbal

За хрватските угостители јуни и првата половина на јули се исклучително важни, затоа што освен почетокот на летната сезона, се очекува и голем број на навивачи кои ќе го следат Светското првенство во фудбал во Бразил, на кое ќе настапуваат и “коцкастите”.

Поради тоа што повеќето натпревари ќе се одвиваат во доцните вечерни часови, многу угостители побараа, некои веќе и добија, а голем број чекаат дозволи од локалните градски и општински власти за подолго работно време од вообичаеното. СП за угостителите е можност за зголемување на потрошувачката, односно на приходите, јавува Хина, пренесува Seebiz.

Од здруженијата на угостители во Хрватска апелираат угостителите да предаваат барања за дозволи за продолжено работно време, затоа што доколку немаат дозвола, а им дојде контрола, казните се големи, околу 4.000 евра или затворање на објектот на 30 дена.

Освен во угостителските објекти, натпреварите во Бразил ќе се следат и на разни отворени локации, како градски плоштади, паркови, спортско – рекреативни објекти, плажи и други места, за што организаторите исто така треба да имаат дозволи.