HSBC им помагала на богатите клиенти да затајуваат данок

27

hsbc

Британскиот банкарски холдинг HSBC ги призна грешките на својата швајцарска подружница како одговор на информациите од медиумите дека банката им помагала на богатите клиенти да ги избегнуваат даноците и да успеат да сокријат милиони долари, пишува Ројтерс.

Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи (ICIJ), што го обелодени извештајот за оваа измама, тврди дека меѓу лицата кои имале свои сметки во Швајцарија се и познати спортисти, поп пејачи и актери. Во извештајот на ICIJ се споменуваат и членови на кралски семејства, како што е кралот на Мароко, политичари, директори на корпорации и членови на богати семејства.

Банката на своите “посебни клиенти“ им овозможувала отворање на таканаречени црни сметки, кои служеле за прикривање на пари од даночните власти, како и подигнување на големи износи во готовина во различни валути.

Од HSBC признаваат дека некои поединци ја искористиле банкарската тајна за чување непријавена сметка, но порачуваат дека сега нештата се сосема променети.

Извештајот и документите на банката се откриени преку заеднички напор на повеќе од 40 новинарски редакции, меѓу кои се британски The Guardian и BBC Panorama, француски Mond и германски Süddeutsche Zeitung. Поголем дел од податоците се собрани благодарение на ИТ експертот Ерв Фалсијани, кој во 2007 година ја откри тајната база на банката за која работа, а потоа со околу 60.000 документи ја напуштил земјата. Иако за кратко време бил уапсен во Франција, набрзо е пуштен и сега таму живее под полициска заштита.

Инаку, HSBC во 2012 година плати рекордна казна од 1,9 милијарди долари поради перење пари, откако истрагата на американскиот Сенат покажа дека банката “испрала“ стотина милиони долари на мексикански нарко картели.