HSBC забележа раст на приходите и профитот, акциите на највисоко ниво од 2018 година

102

HSBC Holdings објави подобра од очекуваната добивка во третиот квартал на позадината на растот на приходите во сегментите за управување со богатство и банкарство на големо, додека пазарот со нетрпение ги очекуваше деталите за нова голема реорганизација.

Акциите на банката со седиште во Хонг Конг во вторникот скокнаа за 3,7 отсто на 9,21 долари, што е највисоко од август 2018 година, откако банката ги објави резултатите и новиот план за откуп на акции.

Добивката на HSBC во третиот квартал се зголеми за 10 отсто на 8,5 милијарди долари, надминувајќи ги проценките од 7,6 милијарди долари, бидејќи имаше корист од побавното намалување на каматните стапки.

Банката со седиште во Лондон, фокусирана на азискиот пазар, објави и откуп на акции во вредност до три милијарди долари, покрај претходно објавената програма за откуп на акции од шест милијарди долари.

Банката, пишува Ројтерс, претстави и сеопфатен план за реструктуирање под новиот извршен директор Жорж Елхедери, со цел намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста.

Минатата недела, HSBC објави дека ќе спои некои од своите операции и ќе ја подели својата географска област на исток и запад, како дел од новата раководна структура.

„Ќе започнеме со спроведување на овие планови веднаш“, рече Елхедери во изјавата за заработка, но дополнителни детали ќе бидат објавени во февруари следната година.

Пазарот чека да види како ова преструктуирање ќе влијае на банката во однос на трошоците и синергиите. Новиот извршен директор на HSBC, кој го презеде кормилото минатиот месец, ќе има задача да ги контролира трошоците и да управува со глобалната банка во средина со пониски каматни стапки.