HTC планира да се врати на големата сцена? Метаверзумот им е на ум…

107

Според неодамнешната изјава на генералниот менаџер на HTC за азиско-пацифичкиот регион, HTC планира да лансира нов водечки паметен телефон во април. Уредот ќе содржи и функции ориентирани кон метаверзумот.

HTC се ограничи да опслужува само неколку пазари со поевтини паметни телефони во последните четири години, откако го продаде најголемиот дел од одделот за развој на паметни телефони на Google.

Така, ова би бил првиот водечки паметен телефон на HTC во последните неколку години.

Според Чарлс Хуанг, шеф на HTC за азискиот пазар, компанијата планира да интегрира одредени функции на метаверзумот во својот нов паметен телефон со цел да привлече корисници кои би сакале да го користат овој уред за VR и AR апликации.

Ова можеби не е премногу изненадување, особено ако се земе предвид дека HTC произведува свој VR хед-сет, наречен VIVE.

Хуанг повторно го негираше излегувањето на HTC од пазарот на паметни телефони, но не откри ништо за овој нов уред.

Според ко-основачот на HTC и сега извршен директор – Шер Ванг, HTC планира да продолжи со големи инвестиции на пазарот на производи за виртуелна реалност, пишува Bytebox.

Сè уште не е јасно дали овој нов смартфон на HTC навистина ќе биде врвен уред, дали навистина ќе биде лансиран и ако е така, дали ќе стигне на светскиот пазар.

Но, едно е јасно, следниот смартфон на HTC ќе биде придружен со VR и AR функции кои го таргетираат метаверзумот.