Хуманитарен пикник на Алкалоид за Детската клиника

21

Вработените во Алкалоид АД Скопје минатиот викенд ја покажаа својата хуманост на пикникот кој беше организиран од страна на компанијата на кој се собираа средства за Детската клиника во Скопје.

Повеќе од половина милион денари беа собрани, а средствата ќе бидат донирани за подобрување на условите за престој, дијагностика и лекување на Клиниката за детски болести. Сите кои дојдоа на хуманитарниот пикник донираа 200 денари во Фондацијата Трајче Мукаетов, а за возврат добија блузон специјално дизајниран по овој повод од познатата дизајнерка Росица Мршиќ.

„Го организираме пикникот на кој вработените, нивните членови на семејства и пријатели донираа по 200 денари. Половина милион денари ќе ги донираме на Клиниката за детски болести“, изјави директорот на Алкалоид Живко Мукаетов, пред големиот број присутни во комплексот Мулино Гарден во населбата Сопиште.

Тој посочи дека ова е уште доказ за хуманоста на вработените во компанијата и нивниот тимски дух. Директорката на Клиниката проф. д-р Аспазија Софијанова заблагодарувајќи се за овој проект на компанијата, истакна дека на овој начин ќе можат да ја подигнат Клиниката да биде на ниво можеби најдобра на Балканот.

Хуманитарниот пикник е истовремено најава за еден поголем проект чиј иницијатор е директорката на Клиниката за детски болести, Софијанова, а ќе биде поддржан од Бекутан и ќе се одржи под мотото „Заедно креираме поздрава иднина“. Проектот ќе биде наменет за подобрување на условите за престој, дијагностика и лекување на наделикатната категорија на пациенти-децата кои се приоритет во секое општество. Алкалоид како општествено одговорна компанија верува дека со вакви донаторски акции може да придонесе во подобрување, унапредување и равој на заедницата.  Хуманитарниот пикник се одржа и минатата година по повод 75-годишнината на компанијата, кога вработените собраа 425.500 денари, кои беа искористени за набавка на медицинска опрема за Одделот за детска онкологија при Клиничкиот центар во Скопје. Поведени од позитивните искуства од оваа и минатата година, од Алкалоид најавуваат дека хуманитарниот пикник ќе прерасне во традиција на компанијата.