Hypo на Балканот има нов сопственик

22

The logo of nationalised lender Hypo Alpe Adria is pictured at the bank's headquarters in Klagenfurt

Мрежата на Hypo Alpe Adria банката на Балканот во петокот доби нов сопственик, откако Австрија се повлече како акционер и ја предаде банката на американскиот фонд Advent и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Advent и ЕБОР ќе платат до 200 милиони евра, во зависност од приходите од 2014 и 2015 година. Новиот сопственик веќе уплатил 50 милиони евра, јавува Ројтерс.

За претседател на Управата е именуван Улрих Кисинг, поранешен прв човек на Берлинската инвестициска банка. Седиштето на банката останува во Клагенфурт, Австрија, а составот на Управите во банките во Хрватска, Србија, Словенија, БиХ и Црна Гора останува непроменет.

Hypo Alpe Adria беше национализирана од страна на Австрија во 2009 година со финансиска помош од 5,5 милијарди евра, откако стана јасно дека планираната експанзија на Балканот е преамбициозна. Европскиот регулатор ја одобри финансиската помош под услов бизнисите во петте земји од регионот да бидат продадени до крајот на 2015 година.

Новите сопственици на балканската единица, која ќе продолжи да работи под името Hypo Group Alpe Adria, планираат да го прошират бизнисот и да кредитираат мали и средни субјекти.