Hyundai целосно го запира развојот на мотори со фосилни горива

114

Најголемиот јужнокорејски производител на автомобили, Hyundai Motor Group, деновиве им објави на своите вработени дека ќе го затвори одделот за развој на мотори со фосилни горива, односно дека од нивните погони нема да излезе нов тип на мотори со внатрешно согорување. Оваа промена е во согласност со стратегијата на овој производител, но и на целата автомобилска индустрија да се придвижи кон електричните возила.

Hyundai неизбежно ќе стане производител на исклучиво електрични автомобили, а енергијата ќе ја добиваат од батерии или водород. Истражувачкиот центар Намјанг, основан во 1983 година, кој вработува околу 12.000 луѓе на мотори со внатрешно согорување, исто така ќе биде затворен, а вработените ќе бидат преместени (барем според сегашните информации) во одделенијата кои развиваат електрични погонски единици.

Реорганизацијата ќе започне веднаш на почетокот на новата година, а прва и главна задача за експертите на Hyundai ќе биде да започнат со дизајнирање иновативни возила кои ќе можат да доминираат на пазарот во иднината. Во исто време, Hyundai формира истражувачки центар за технологија на батерии.

Hyundai Motor Group е чадор организација под која работат марките Hyundai, Kia и Genesis, а од неодамна и електричниот бренд Ioniq. Од мај 2019 година, тие го имаат и сопственичкиот удел во Rimac Automobili, кој од оваа година е пренесен во Rimac Group и изнесува околу 11%. Минатата година тие станаа и косопственици на мрежата за полнење електрични возила Ionity.