Hyundai и Kia ќе опремат дел од своите возила со сончеви панели

49

Двата големи производители на автомобили, Hyundai и Kia планираат да опремат “одбрани“ возила со сончеви панели на нивните покриви и хауби, стои во соопштението на Hyundai. Преку нив ќе се полнат батериите кај електрични и хибридни автомобили, но ќе бидат корисни и за возилата со внатрешно согорување.

Првата генерација на сончеви покриви ќе биде наменета само за хибриди со конвенционални покриви, додека втората, полутранспарентна серија на покриви, ќе биде достапна и за автомобили со внатрешно согорување како дел од панорамски сончев систем. Ќе има и трета генерација на системи, којашто моментално е во пилот фаза. Истата ќе овозможи паралелно полнење од покривот и хаубата.

Првата генерација на модели дневно ќе може да наполни 30 – 60% од батеријата на хибридите, а тоа ќе зависи од времето и целокупната околина.

Таа се очекува да биде достапна по 2019 година.

Од Hyundai и Kia велат дека ова ќе биде примамливо за возачи кои внимаваат на својот буџет и животната средина, но и за компаниите коишто се борат да ги исполнат стандардите за ефикасност на горивото и стандардите за штетни емисии.

Фото: Hyundai.