
Аргентина ќе се повлече од Светската здравствена организација (СЗО), изјави портпаролот на претседателот Мануел Адорни, пренесува Ројтерс. Одлуката на Аргентина доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец издаде извршна наредба за повлекување на Соединетите држави од глобалната здравствена организација.
Адорни изјави дека управувањето со пандемијата на СЗО и одлуките на поранешниот претседател Алберто Фернандез „ја доведоа Аргентина во најдолгиот карантин во човечката историја“ и дека земјата е подложна на политичко влијание од одредени држави.
– Аргентинците нема да дозволат меѓународна организација да интервенира во нашиот суверенитет, а уште помалку во нашето здравство – рече Адорни, според Индекс.
Тој додаде дека Аргентина не добива средства од СЗО за здравствениот менаџмент и дека одлуката за повлекување нема да значи кратења.
– Ова нема да влијае на квалитетот на здравствените услуги. Напротив, оваа одлука и овозможува на земјата поголема флексибилност во спроведувањето на политиките приспособени на контекстот и интересите што ги бара Аргентина, како и поголема достапност на ресурсите – нагласи тој.
Како што пренесува „Буенос Аирес Хералд“, Аргентина покрај повлекувањето од СЗО размислува и да го напушти Парискиот договор за климатски промени, додаде Адорни.











