И Германија ја поддржува Георгиева

Германија го поддржува изборот на актуелната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева за втор мандат.

Таа во последните години успеа да управува со Фондот во тешки времиња, објави во понеделникот на социјалната мрежа Икс министерот за финансии Кристијан Линднер, пренесува ДПА.

„Убеден сум дека таа е вистинската личност да ја води таа институција во предизвиците што претстојат и да го зајакне ММФ како поддржувач на структурните реформи во нашите економии“, рече Линднер.

70-годишната Георгиева неодамна посочи дека ќе ја прифати номинацијата за втор петгодишен мандат. Нејзиниот сегашен истекува наесен.

Европејците по правило имаат највисока позиција во ММФ, додека Американците го назначуваат шефот на Светската банка. По Кристин Лагард, Георгиева е втората жена на чело на ММФ.