И инвеститорите и издавачите добиваат финансиски бенефит од корпоративната обврзница

263

Издавањето на корпоративна обврзница во услови на постоење на бизнис идеја која има иднина и ќе значи генерирање на профит за нареден период е вистинскиот избор за компаниите, без притоа да ги поминуваат долгите процедури за аплицирање и одобрување на кредити во банки, без дополнителни хипотеки на имотот на компанијата, без плаќање на скриени трошоци поврзани со кредитот и сл. Дополнително, постои реална можност банките не секогаш да дадат верба на бизнис идејата и следствено на тоа, истата да ја поддржат. За разлика од банките, со корпоративната обврзница компаниите излегуваат на пазарот на капитал, па инвеститори/позајмувачи,  покрај банките можат да бидат и други правни и физички лица без никакви ограничувања, вели во интервју за Бизнис Инфо, проф. д-р Марко Андонов.

Ги охрабрува компаниите сериозно да пристапат кон анализа на можноста своите идни потреби од свеж капитал да ги остваруваат токму преку издавање на корпоративни обврзници.

Бизнис Инфо: Колку компаниите во земјава се одлучуваат да ги изберат корпоративните обврзници за финансирање на нивните проекти?

Домашната корпоративната историја покажува дека е извонредно мал бројот на компании од нашава земја кои се одлучуваат да ги изберат корпоративните обврзници за финансирање на развојни проекти за самите компании. Во услови кога живееме во банкоцентрично економско окружување, за компаниите е многу поедноставно да аплицираат за кредит и да користат кредитни производи отколку да издадат корпоративна обврзница, без притоа да ги имаат предвид предностите од таквиот извор на финансирање.

Бизнис Инфо: Можете ли едноставно да ни објасните зошто една компанија од земјава, во услови на актуелното економско опкружување, треба да донесе одлука да ја избере корпоративната обврзница како инструмент за финансирање на своите проекти?

Издавањето на корпоративна обврзница во услови на постоење на бизнис идеја која има иднина и ќе значи генерирање на профит за нареден период е вистинскиот избор за компаниите, без притоа да ги поминуваат долгите процедури за аплицирање и одобрување на кредити во банки, без дополнителни хипотеки на имотот на компанијата, без плаќање на скриени трошоци поврзани со кредитот и сл. Дополнително, постои реална можност банките не секогаш да дадат верба на бизнис идејата и следствено на тоа, истата да ја поддржат. За разлика од банките, со корпоративната обврзница компаниите излегуваат на пазарот на капитал, па инвеститори/позајмувачи,  покрај банките можат да бидат и други правни и физички лица без никакви ограничувања. На овој начин се врши диверзификација на ризикот и се зголемуваат шансите  компанијата да добие позајмица, односно да се стекне со потребните средства по подобри услови отколку кога би станувало збор за класичен банкарски кредит.

Бизнис Инфо: Која е предноста за една компанија од користење на корпоративните обврзници, наспроти земањето на класичен банкарски кредит?

Едноставно, најголемата предност е да дојдете до потребниот капитал со поповолна каматна стапка наспроти банкарските кредити. Имено, кога висината на каматата на корпоративната обврзница се движи  помеѓу распонот меѓу каматата на орочените депозити во банките и каматата на кредитите, инвеститорите ќе добијат поголем приход од корпоративната обврзница, отколку штедењето во банка, а издавачот на корпоративната обврзница ќе плати помала каматна стапка, споредбено со банкарскиот кредит. На тој начин, и инвеститорите и издавачите ќе добијат финансиски бенефит од реализацијата на корпоративната обврзница. Секако, како предност останува и она што го наведовме во одговорот на претходното прашање, во врска со останатите аспекти на кредитното задолжување кај банките.

Дополнителна додадена е вредност е и можноста да се тргува на берза со еднаш издадената и купена обврзница. Потенцијално, тоа би можело да значи и пораст на цената на самата корпоративна обврзница. Секако, за да се случи ова, потребно е компанијата издавач на обврзницата да работи успешно, да остварува профит и со самото тоа навремено да ја исплаќа каматата и делот од главницата на инвеститорите. Нема дилеми дека евентуален ваков развој на настаните би делувал привлечно за да се купи конкретната обврзница. Конечно, тоа ќе значи и зголемување на понудата на финансиски инструменти и раздвижување на домашниот пазар на капитал, кој има насушна потреба од такво нешто.

Бизнис Инфо: Покрај предностите, можете ли да ни кажете прецизно и кои се недостатоците и ризиците од користењето на овој инструмент?

Како и кај секој финансиски инструмент, така и кај корпоративните обврзници постои ризик односно постои можност за неплаќање на каматата и главнината при нивното доспевање. Секако, ваква негативна околност би произлегла доколку компанијата која ја издала се соочува со финансиски потешкотии во работењето. Во оваа смисла важно е да се истакне дека компаниите едноставно може при издавањето на обврзницата, да дадат приоритет на исплата на инвеститорите во обврзницата пред останатите доверители на компанијата во услови на несолвентност или пак поведување на постапки за стечај и ликвидација. Во еден ваков случај, инвеститорите ќе ги остваруваат своите парични побарувања во стечајна постапка, а доколку станува збор за обезбедена обврзница, истите ќе имаат статус на различни доверители.

Бизнис Инфо: Колку во развиените држави компаниите ги користат корпоративните обврзници и дали тој инструмент таму е многу повеќе застапен отколку во нашата држава?

Апсолутно да. Корпоративната пракса на развиените држави говори дека компаниите без поголеми дилеми се одлучуваат да издаваат ваков вид на финансиски инструменти, имајќи ги предвид бенефитите за кои веќе говоревме. Имајќи ја предвид направената анализа од страна на IOSCO (International Organization of Securities Commissions – Меѓународната организација на комисии за хартии од вредност) произлегува дека во последните 10 години во развиените земји и во земјите во развој постои значителен пораст на издавање на корпоративни обврзници. Во развиените земји овој финансиски инструмент е често употребуван, особено од малите и средни компании со цел изнаоѓање на начин на финансирање на развојот на самите компании. Секако дека развиените европски држави и САД имаат неспоредливо поразвиен пазар на капитал споредбено со нашиот домашен пазар на капитал. Оттука, во овие земји корпоративната обврзница е секогаш високо на пиедесталот како една од најдобрите опции за финансирање на потребите или идните развојни проекти на компаниите, наспроти класичниот систем на финансирање од страна на банките.

Бизнис Инфо: Каде е проблемот што нашите компании потешко се одлучуваат за финансирање на своите потреби преку корпоративната обврзница – дали тоа се должи на долгогодишната поврзаност меѓу банките и бизнис секторот, или, пак, се должи на недоволно знаење, едукација кај менаџментот на компаниите, за предностите доколку се изберат корпоративните обврзници?

Веројатно, причината е една комбинација од сето она кое што го наведовте во самото прашање. Едноставно, нашите претприемачи, менаџери, доминантни сопственици на компаниите се генерално насочени кон банките кога станува збор за финансирање на потребите на бизнисот. Тие едноставно се упатуваат кон банките кога имаат потреба од финансиски средства не размислувајќи за другите начини за доаѓање до средства, базирано на традиционално добрите односи и поврзаност на банките и бизнис секторот. Во оваа насока така воспоставените релации и понатаму го прокламираат т.н. банкоцентричен систем. Секако, одредена улога има недоволниот степен на знаење и едукација за поволностите кои ги нуди ваквиот начин на обезбедување на финансии преку издавање на корпоративна обврзница. Поврзано со наведеното е секако и т.н. страв од непознатото како еден психолошки феномен кој ги следи сите инволвирани страни. Конечно, потребно е да се има и извесна доза на храброст и би рекол одважност за да се одлучите за овој концепт. Притоа, овде мислам како на страната на компаниите издавачи, така и на страната на потенцијалните инвеститори во корпоративните обврзници.

Во овој контекст сметам дека треба да се споменат и воедно да се даде поддршка на активностите на регулаторот на пазарот на капитал – Комисијата за хартии од вредност, кој преку својот проактивен пристап се обидува да им го доближи предметниот концепт на сите засегнати страни. Секако, тука не се мисли само на издавањето на корпоративните обврзници, туку и на поддршката и поттикот за издавање и на нови емисии на акции од страна на домашните акционерски друштва, како посакуван начин на нивно финансирање. Воедно, поттикот да се направи трансформација на квалитетни и профитабилни друштва со ограничена одговорност во акционерски друштва со нивно последователно “излегување“ на берзата со нови емисии на хартии од вредност, што ќе биде и директен импулс за развој како на берзата, така и на целокупниот пазар на капитал. Освен преку различните едукативни активности, ми се чини дека регулаторот дава и конкретна помош и поддршка на компаниите во самиот процес на креирање и подготовка на потребната документација за издавање на хартии од вредност, што секако е за почит и поздравување.

Бизнис Инфо: Има ли во земјава повеќе примери на компании кај кои користењето на корпоративните обврзници се покажало како успешна приказна?

Во досегашната пракса можат да се забележат одреден помал број на случаи на издавање на корпоративни обврзници, пред се во сферата на банкарскиот систем, каде што неколку домашни банки имаат остварено емисии на вакви финансиски инструменти. Пристапувањето на една компанија кон издавање на обврзници како извор на финансирање е многу храбар и визионерски чекор на сите постојни акционери, а особено на топ менаџментот кој е носител на целокупната активност и најодговорен за создавање на профит и успешно работење на компанијата. Тоа пак од своја страна е предуслов за навремено и целосно враќање на обврските кои ќе произлезат од обврзницата. Издавањето на обврзница согласно постојната законска регулатива значи понатамошно “отворање“ и зголемена транспарентност на компанијата, односно навремено и целосно исполнување на обврските за обелоденување на сите податоци и информации за работењето на компанијата што пак од своја страна ќе значи привлекување на потенцијални нови инвеститори кои ќе ги имаат сите потребни финансиски и нефинансиски податоци за таа компанија. Секако, ова би требало да даде посебна специфична тежина и важност за севкупниот раст и развој на една компанија.

На крајот, би сакал првенствено да ги охрабрам компаниите сериозно да пристапат кон анализа на можноста своите идни потреби од свеж капитал да ги остваруваат токму преку издавање на корпоративни обврзници. Секако, од не помало значење е и охрабрувањето до потенцијалните инвеститори – физичките и правните лица кои ќе треба да ги пласираат своите слободни парични средства во купување на издадените обврзници, под услови кои во секој случај ќе бидат подобри и поповолни за нив отколку каматите кои што би ги добиле од орочените банкарски депозити.

Едноставно, мора да се поттикне храброста, визијата, но и да се зголеми едукацијата и знаењето, како и постојано јакнење на нормативната и институционалната покриеност. Нема сомнеж дека посакуваниот интерплеј помеѓу наведените фактори ќе креира многу успешни приказни во македонската корпоративна реалност од кои што сите би имале полза.