Корпоративна обврзница… Можност за инвестирање

328

Корпоративните обврзници се финансиски инструменти кои се издаваат на пазарот на капитал во форма на должнички хартии од вредност. Дефиницијата на корпоративната обврзница, односно обврзници воопшто, е содржана во Законот за хартии од вредност и е дефинирана како долгорочна должничка хартија од вредност, со која издавачот се обврзува дека на сопственикот на обврзницата еднократно или во рати, ќе му го исплати на определениот ден, износот на номиналната вредност на обврзницата и каматата.

Корпоративната обврзницата може да биде обезбедена или необезбедена, да има фиксна или варијабилна камата, може на сопственикот да му дава право на камата и/или исплата на однапред определени рати, може да се откупи од страна на која било страна под одредени услови и/или може на сопственикот да му даде право да ја претвори обврзницата во друг вид на хартија од вредност на издавачот.

Постојат повеќе критериуми за поделба на обврзниците, меѓу кои и критериумот издавач на обврзници, па согласно истиот попопуларни се: државните обврзници (govermеnt bonds), општинските обврзници (municipality bonds) и корпоративните обврзници (corporate bonds).

Преку издавањето корпоративни обврзници акционерските друштва и командитните друштва со акции прибираат капитал за финансирање на сопствени проекти тогаш кога ќе проценат дека издавањето на обврзници е исплатливо за друштвото како издавач, а и за инвеститорите како купувачи на обврзниците. Кога едно друштво издава обврзници, меѓу него и купувачите  на обврзници се воспоставува должничко-доверителски однос, а друштвото е должно на купувачите на точно определен датум да им ја исплаќа договорената камата и да им ја исплати главнината кога обврзницата ќе доспее. Од тие причини, соодветно е за корпоративните обврзници да се каже дека претставуваат финансиски инструменти на пазарот на капитал.

Корпоративната обврзница како финансиски инструмент се емитува на пазарот на капитал со цел обезбедување средства кои издавачот ќе ги користи за најразлични цели. Предноста за друштвото кое издава корпоративни обврзници е тоа што преку овој финансиски инструмент може да се задолжи по потенцијално пониска камата споредбено со кредитот подигнат од банка. Корпоративните обврзници нудат флексибилност на своите издавачи, на начин што им овозможуваат самостојно да определат услови на емисија и да управуваат со сопствената задолженост.

Со оглед дека и корпоративната обврзница е хартија од вредност, постапката за издавање е идентична  како и онаа применлива за акциите. Односно, во пракса, по направено испитување на финансискиот пазар и процена на условите за задолжување друштвата издавачи изготвуваат проспект и поднесуваат соодветно барање до Комисијата за хартии од вредност за одобрување на издавањето на предметната обврзница. Во актот за издавање на обврзниците се определува номиналната вредност, висината на каматата и начинот и роковите за исплата на каматата.

Елементи на корпоративните обврзниците се вкупната вредност на емисијата на обврзницата, опис и цел на емисијата, издавач на обврзницата, рок на доспевање на обврзницата, емисија со која се издава, каматна стапка, начинот на пресметување на каматната стапка, место на запишување и на тргување на обврзницата. Во врска со висината на емисијата на корпоративните обврзници, согласно законското решение, законодавецот ја ограничил висината да не изнесува повеќе од вредноста на основната главнина на издавачот. Доколку емисијата на корпоративни обврзници е гарантирана од некоја банка, износот на емисијата покрај износот на основната главнина, дополнително се зголемува до износот на банкарската гаранција.

Потребно е да се напомене дека корпоративната обврзницата никогаш не влегува во основната главнина на друштвото. Корпоративните обврзници се регистрираат во електронска форма во Централниот депозитар на хартии од вредност на име на имателот на обврзницата. Постапката за издавање и упис на корпоративната обврзница е регулиран со Законот за хартии од вредност и соодветните подзаконски акти на Комисијата за хартии од вредност.

Корпоративните обврзници споредбено со акциите, како хартии од вредност, на сопствениците (иматели) им даваат неколку предности, како што се:
1) доверителски статус, односно во стечајна постапка имателите на обврзници се намируваат пред акционерите,

2)конвертибилните корпоративни обврзниците се поатрактивни за инвеститорите доколку трендот е вредноста на акциите на издавачот на обврзницата да расте,

3)корпоративната обврзница е посигурен финансиски инструмент, бидејќи истата може да биде обезбедена и да има варијабилна камата, а спротивно на тоа, акциите се подложни на флуктуациите на пазарот.

Фото: Pixabay