Венеција: 15.700 билети наплатени првиот ден

38

Во четвртокот во Венеција на туристите им наплатија билет за првата посета на градот. Според податоците на градските власти, влез платиле 15.700 посетители. По првиот ден, градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, воведувањето данок го оцени како успешно. Сепак, дел од жителите беа понезадоволни, па незадоволството го изразија со протест.
Градоначалникот на Венеција Бруњаро го поздрави обидот за еднодневен надомест за посетителите на историскиот град, воведен како дел од напорите да се ограничи масовниот прилив на туристи, како успех. Воедно ја бранеше воведената мерка која е прва од ваков вид во светот.

„Се извинувам за непријатностите, но мораме да направиме нешто за да го спасиме градот“, рече тој, пренесе италијанската новинска агенција Анса.

Бруњаро вети дека ќе спроведе „мека контрола“ која ќе биде случајна и нема да создава редици. Во четвртокот биле прегледани 14.000 луѓе и немало никакви проблеми, соопштија градските власти.

На денот кога Италија го прослави Денот на ослободувањето, 113.000 луѓе се пријавиле да ја посетат Венеција, според општината на градот, а 15.700 платиле билет од пет евра.

Жителите на Венеција, вработените, студентите, децата до 14 години, инвалидите и посетителите на спортските настани се ослободени од купување билети, како и посетителите кои преноќуваат во градот бидејќи веќе плаќаат такса за престој.

Билетот за еднодневна посета на Венеција се плаќа преку порталот на градската општина, а посетителите добиваат QR код кој ќе го проверуваат инспекторите на најважните точки во градот.

Туристите кои ќе бидат фатени без билет се соочуваат со казна од 50 до 300 евра.