И Македонците навалија по недвижнини надвор од градот

301

Пандемијата на коронавирусот драстично го намали интересот за изнајмување недвижности. Иако пазарот на недвижнини последниве месеци почна да се стабилизира, граѓаните се внимателни дали и каде да ги вложат своите пари, анализира Локално.

“Од кризата на удар најмногу се недвижностите под закуп. Овој дел од пазарот претрпе големи последици. Интересот за изнајмување е драстично намален, а пазарните цени на недвижностите под закуп, особено резиденцијалните објекти (станови и куќи), се намалија“, вели Лилјана Ковачева, претседател на Групацијата на агенции на недвижности.

Идентични показатели имаат и во консултантнската компанија за недвижен имот – Фортон. Голем пад е регистриран во побарувачката на дуќани, особено на оние кои се лоцирани во шопинг моловите што е сосема разбирливо имајќи ја предвид актуелната ситуација.

“Купувачите се претпазливи бидејќи станува збор за внатрешен простор, па затоа сега многу почесто ги посетуваат шопинг центрите кои се на отворено, како на пример Retail Park- Point“, вели генералниот директор, Влатко Богоевски.

Опадната е и побарувачката на канцелариски простор. Анализата на Фортон покажува дека една од причините е фактот дека некои од професиите, особено вработените во ИT секторот, работат од дома.

“Работата со компјутер не мора да биде поврзана со канцелариски простор на одредена локација, што е секако олеснувачки за овој бизнис. На ваков начин на работа се префрлуваат и други сектори, а заедничко за сите нив е дека ангажираат консултанти кои ги советуваат како да работат од дома, односно како да продаваат на интернет“, вели Богоевски.

Токму поради ова, зголемена е продажбата на логистички центри (магацини). Логиката е едноставна, посочуваат во Фортон – наместо одреден производ да се продава во продавница, тој се рекламира и продава на интернет. Не само што е поедноставно, туку е и многу поевтино.

“Од друга страна несмален е интересот за продажба и купување стан. По негативните ефекти кои короната ги имаше во март и април, овој дел од пазарот регистрира нагорен тренд особено во Скопје каде е и најголем интересот за купување стан. По првиот шок, луѓето малку се охрабрија“, вели Ковачева, па продажбата продолжи со нормален тек, дури и со мал пораст.

Зголемен интерес има и за купување недвижности надвор од градовите или пак во некои од туристичките центри. Податоците покажуваат дека се реализирани сè повеќе купопродажни договори за куќи и станови на овие локации. Потребата од поседување недвижност надвор од градскиот метеж стана многу поочигледна во новонастанатите услови во кои луѓето бараа начини како да се ослободат од притисокот на карантинот, но и можност да бидат надвор без какви било ограничувања.

“Професионалците кои работат со недвижнини се едногласни дека пандемијата е вистинско време за инвестирање. Одлуките за купување на недвижности во овој период имаат одлична економска логика. Цените се намалени“, вели Богоевски, а претпоставката дека корона кризата нема брзо да заврши е во полза на купувачите. Идентичен е и советот на Групацијата на агенции на недвижности.

“Граѓаните не треба да се воздржуваат од вложување. Особено е поволно за младите кои имаат стабилни приходи да вложат во својата иднина и да се ‘вдомат’: цените се поволни, изборот е голем, а и каматните стапки се поволни, така да на сите оние кои не се директно на удар од кризата, им препорачувам дека сега е вистинскиот момент е за вложување“, вели нејзиниот претседател Лилјана Ковачева.

Податоците за пазарот на недвижности во третиот квартал се очекуваат следниве денови, а во вториот квартал Агенцијата за Катастар регистрираше 1334 продадени станови или 300 помалку од првите три месеци. Вкупниот број на продадени недвижности е 3.197 или 1.728 помалку од периодот јануари-март. При тоа најголем бил интересот за старите градби.

Фото: Freepik