И Нов Зеланд официјално е во рецесија

Економијата на Нов Зеланд падна во рецесија откако централната банка на земјата агресивно ги зголеми каматните стапки на највисоко ниво во последните 14 години.

Бруто домашниот производ (БДП) падна за 0,1 отсто во првите три месеци од оваа година, покажаа официјалните податоци, по падот од 0,7 отсто во претходниот квартал, што значи дека економијата е во „техничка рецесија“.

Резервната банка на Нов Зеланд (РБНЗ) нагло ги зголеми трошоците за задолжување од октомври 2021 година, пишува Би-Би-Си, а Нов Зеланд беше една од првите земји што почна да ги зголемува стапките по пандемијата, престигнувајќи ги Федералните резерви на САД.

Потсетуваме, ФЕД вчера, на 14 јуни, на седницата донесе одлука за задржување на каматните стапки на стабилно ниво.

Минатиот месец, РБНЗ ја зголеми својата основна каматна стапка на 5,5%. Многу Новозеланѓани, кои веќе се соочуваат со пораст на цените, сега го чувствуваат влијанието на повисоките стапки бидејќи отплатата на хипотеките и другите трошоци за позајмување скокаат.

Централните банки ширум светот ги зголемија нивоата на задолжување додека се обидоа да го задржат растот на цените предизвикани од повторното отворање на економиите по заклучувањето на Ковид-19.

Инфлацијата беше поттикната од порастот на цените на апсолутно сè: од гориво до храна, поради војната во Украина. Во првите три месеци од оваа година, економијата на Нов Зеланд беше исто така погодена од циклони и штрајкови на наставниците.

Потсетуваме дека еврозоната е во рецесија од почетокот на јуни, што се дефинира како пад на економската активност во два последователни квартали, во однос на истиот период од претходната година.