И овој сектор има “панцир“ против пандемијата

45

Продажбата на потрошувачка електроника во првата половина од оваа година се намали на 306 милијарди евра или за 6% во однос на истиот период лани, што е релативно мал пад во однос на други индустрии, покажува анализа објавена во рамки на саемот IFA, што во Берлин се одржува секоја година од трети до петти септември. Станува збор за еден од најголемите светски саем за потрошувачка електроника, којшто оваа година слави јубилеј од 60 години под специјални услови на одржување поради пандемијата, пренесува Hina.

Податоците покажуваат дека индустријата што се занимава со производи на електронски апарати за домашна употреба се отпорни на пандемијата, па падот од 6% е умерен за разлика од многу други сектори.

“Тоа можеме да го објасниме со иновативната сила на индустријата и фактот дека може да се понудат голем број апарати за домаќинство за коишто расте побарувачката во услови на криза – од уреди за работа и учење од дома, до производи за забава, подготовка на храна во домашни услови, чистење, перење, како и оние за здравствена заштита и кондиција“, изјави Кај Хилебрант од компанијата Gfu, што е дел од истражувањето.

Уредите за работа од дома забележаа глобален раст на продажбата од 15% од март и април. Тој период се нарекува и време на “панично купување“, кога продажбата на интернет камери порасна за 297%, на монитори за 120%, за лаптоп компјутери и таблети за 62% во Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија.

Над 53% од потрошувачите во светот, според истражувањето, во првата половина од 2020 година поради пандемијата и ограничувањата, изнаоѓале начин да си го поедностава животот и да си дозволат уреди што им го овозможуваат тоа. Масовно замрзнувале храна, што ја зголеми побарувачката за замрзнувачи за 317% во Велика Британија и 185% во Германија.

Фото: Freepik