И Панама размислува за официјално прифаќање на криптовалутите

46

Приближно во исто време кога стартуваше употребата на биткоин како официјална валута во Ел Салвадор, првата земја во светот што направи таков потег, слична иницијатива беше покрената и во друга централноамериканска земја – Панама. Во парламентот се појави предлог -закон, слично како и во Салвадор, и Панама да започне со широка употреба на биткоин како средство за плаќање.

Предлогот на Панама оди чекор подалеку, предлагајќи веднаш „со ист трошок“ воведувањето на криптовалути во официјална употреба да се прошири на Етереум и други. Исто така, би значело дека блокчејн технологијата ќе се подигне на ниво каде што ќе стане основа за водење бизнис во јавниот и банкарскиот сектор на Панама.

Застапниците на законот велат дека ако Панама стане „компатибилна со блокчејн, криптовалути и Интернет“, може да донесе илјадници нови работни места, да привлече инвестиции и да ја направи владата потранспарентна.

Според предлогот, Панама ќе го спроведе воведувањето на криптовалути во малку помали размери од Ел Салвадор. Биткоинот и другите дигитални валути нема да станат официјална национална валута таму, ниту пак трговците ќе бидат принудени да ги прифатат.

Предлагачот на законот, пратеникот Габриел Силва, објасни дека никој нема да биде обврзан да работи со биткоин или етереум, туку на секого ќе му се даде слобода да ги користи како што сака.

Криптовалутите на тој начин ќе станат легална алтернатива на класичните пари за сите приватни или деловни трансакции во Панама, а поддржувачите велат дека главната предност ќе бидат брзи и евтини трансакции без оглед на растојанието помеѓу учесниците и големината на трансферот на пари.